Интервју со Љупчо Радовски, повеќегодишен член и еден од претседателите на гранкови синдикати при Сојузот на синдикати на Македонија
„Ако институциите на системот не функционираат, како на пример, судството или инспекциските служби, ако не се искорени корупцијата во државата, тогаш залудна е нашата борба а незадолствата кон синдикатите ќе растат. Така ќе владее анархија, што на работодавачите им одговара за нивно богатење, а сета оваа состојба е наметната од нивна страна.“
- Господине Радoвски, како повеќегодишен член и еден од претседателите на гранкови синдикати при Сојузот на синдикати на Македонија, можете ли да ни објасните кои се позитивните и негативните страни да си дел од репрезентативниот ССМ?
-Да си член во ССМ како поединец, фирма и гранка е голема чест, но и одговорност како репрезентативен синдикат. ССМ е институција со повеќе од 100 години традиција и бренд за синдикално движење во Република Северна Македонија и со сите одлуки на организираност, од најниско до највисоко ниво со правни и административно технички служби, а воедно сме членки и на Европските и светските синдикати. Покрај многу препреки и притисоци и во различни економски, политички и општествени уредувања, опстоила и ќе опстои и максимално како репрезентативен синдикат ќе се заложи да ги оствари правата на работниците преку Законот за работни односи и преку колективните договори. Негативната страна – не би ја нарекол дека е негативна, но сепак голема е одговорноста да преговараш во името на сите работници и да се избориш за правата на работниците спроти другите две страни – работодавачите и Владата. И секогаш во она што ќе се постигне како договор, ќе најдете незадоволни од разни причинu,реални, нереални, тенденциозни. Преговорите се тешки бидејќи секоја страна си ги штити своите интереси, но компромисни решенија мора да има. Само така може да одиме напред и да не отстапуваме како репрезентативен синдикат.
- Голем број од работниците изразуваат незадоволство и недоверба кон синдикатите во нашата држава, а друга страна, ситуацијата со работничките права е на едно поразително ниво според нашата работа и постојаната комуникација со работниците. На што се должи таа недоверба, според вас и како би можела таа состојба да се надмине? Бидејќи реално силата е во синдикално организирање.
-Кога сме кај незадоволството во синдикатот, можам да кажам за членовите кои не се задоволни од синдикатот, во тој случај тие се незадоволни од самите себе. Тие се дел од синдикатот како членови и овозможено им е да се изборат за своите права, здружени и сплотени, а не некој друг да им ја врши работата. Претседателот или претставникот е само единка која ги претставува, а изборот е нивен, барањата се нивни, а борбата е заедничка. Кога бираат претставник, тоа сериозно треба да го разберат, бидејќи тој/таа треба да има способности за преговарање, да биде синдикално едуциран, да ја познава материјата, законите, колективните договори и се друго што е во областа на синдикалното движење. Да не бираат претставници кои имаат желба без никакво синдикално искуство, само со желба да бидат синдикални лидери. Лидери наметнати од работодавачите, личности за лични амбиции и привилегии, со самото тоа го рушат имиџот на синдикатот. Работодавачите имаат развиен механизам да наметнат работници кои делуваат внатре во синдикалното движење за омаловажување на лидерот, активностите и поттикнување на незадоволство во членството за понатамошно негово рушење. За оние кои не се членови, треба да формираат синдикат, да бидат во тоа семејство и во тој случај можат да разговараат за доверба или недоверба, за успеси или неуспеси. Ако од прилика бројка од 40.000 вработени во оваа индустрија членови се само 10%, тоа покажува колку е голема антипропагандата од работодавачите сите овие години против синдикалното движење, а е прифатено од работниците. Тоа им одговара само на работодавачите за нивните понатамошни делувања и ова е веќе предмет на анализа. Кога сите работници би се организирале и бројот на членови би бил многу поголем, би биле сила која би ни ја вратила довербата во самите себе, но и институцијата во која членуваат – Синдикатот. Дефиницијата за заштита на правата на работникот од работен однос во светски рамки е зборот Синдикат. И тоа треба да го знаат работниците. Секоја друга форма е само параван за неостварување на правата на работниците од работен однос.
- Во Глобалниот индекс за модерно ропство за 2018та година, нашата држава беше на една од водечките позиции како една од државите каде е изразено модерното ропство. Едно од водечките причини на светско ниво како ризик од модерно ропство е вбројана и текстилната индустрија. Кои се причините и дали е можно да се подобри угледот на оваа индустрија и во нашата држава, но и на светско ниво?
-По ова прашање би бил краток. Не би можел да го наречам ропство, но експлоатација на работниците има и против тоа мора да се избориме. Имаме закони во кои сите права на работниците се пропишани, но треба да се применуваат. Имаме колективни договори во кои детално се наведени правата од работен однос на работниците, но и тие треба да се применуваат. Нo, aко институциите на системот не функционираат, како на пример, судството или инспекциските служби, ако не се искорени корупцијата во државата, тогаш залудна е нашата борбa, a незадолствата кон синдикатите ќе растат. Така ќе владее анархија, што на работодавачите им одговара за нивно богатење, а сета оваа состојба е наметната од нивна страна.
- Гласен Текстилец како организација изминатите години се обидува да ја алармира јавноста за лошата состојба со работничките права и услови за работа, ниската плата во целиот приватен сектор, но со посебен акцент на текстилната индустрија. Во регионот и земји како Косово, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, невладините организации заедно со синдикатите заеднички работат на терен, работат на проекти и заедно се обидуваат синдикално да ги организираат работниците/чките како би добиле вистинска заштита на нивните права на работно место. Во нашата држава реална соработка меѓу ССМ и невладините нема. Што е причината на таа несоработка и дали сметате дека така би биле многу поефикасни за подобрување на работничките права, услови и плати?
-Во врска со ова прашање за соработка на ССМ, не би можел да разговарам, бидејќи тоа е сојуз со 19 гранкови синдикати кои се автономни и тие одлучуваат самостојно дали ќе соработуваат со невладините организации. За Синдикатот за текстил, кожа и чевли и сами знаете дека соработува со сите невладини организации, воспоставувајќи реални рамки и домени за соработка во границите на своите надлежности, не мешајќи се во работата на едните со другите.
- Во подготовка е новиот Закон за работни односи. Според Вас, дали новиот закон ќе биде попрецизен и наклонет конечно кон работниците или повторно бизнис секторот е посилен во лобирањето на закон кој лесно се манипулира на штета на работникот?
-Законот за работни односи ќе биде попрецизен и поразбирлив за обичниот граѓанин, односно работник. Како и претходно што кажав, законот се подговува и секој има свои барања да се вметнат во него. Од преговарачите, тоа се синдикатот, работодавачите и Владата, но верувам дека како што одат преговорите, ќе издејствуваме поголеми и попрецизни права во корист на работникот. Но, тоа не зависи само од нас. После договорот од трите партнери оди во Собрание по комисии и на крајот на гласање што многу ќе зависи и улогата на народните пратеници да ги поддржат нашите барања. Но,колку и да се избориме за правата на работниците во законот, ако тие не се применуваат во пракса, се злоупотребуваат и на тоа замижат и надлежните институции, каков и закон да се донесе, ќе биде безвреден за правата на работниците во Република Северна Македонија.
ОВАА КОЛУМНА Е ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СОЗДАДИ МРЕЖА НА ЗНАЕЊЕ – ПРЕПОЗНАЈ И ПРИЈАВИ ПРЕКРШУВАЊЕ ПРАВА“ КОЈ ГО СПРОВЕДУВА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ, КАКО ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРОМЕНИ“ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ОТВОРЕНА ПОРТА, ФИНАНСИРАН ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА.
ОВАА ПУБЛИКАЦИЈА Е ИЗРАБОТЕНА СО ПОМОШ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА. СООДРЖИНАТА НА ОВОЈ ТЕКСТ Е ОДГОВОРНОСТ САМО НА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ И НА НИЕДЕН НАЧИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА