Запознајте ја отворена порта

Интервју со Марија Тодоровска, програмски директор во Здружението Отворена порта.

„Соработката помеѓу синдикатите, невладините организации и институциите е можна и неопходна, со  заедничка перспектива за градење на општество во кое основните човечки потреби се главниот приоритет. Синдикатите и невладините организации треба да соработуваат на национално, регионално и на глобално ниво за да ги подобрат условите во текстилната индустрија за облека и спортски чевли и да го олеснат зајакнувањето на работниците, без прибегнување кон протекционизам.“

1.Како делува организацијата Отворена Порта?

Отворена Порта e здружение на граѓани кое веќе 19 години работи на промовирање на човековите права и застапување на интересите и потребите на лицата кои се под ризик или претрпеле насилство и трговија со луѓе. Организацијата е целосно посветена на спречување на трговијата со луѓе и насилството  како на национално така и на меѓународно ниво преку спроведување на активности за лобирање и застапување, подигнување на свеста, превенција и едукација, како и обезбедување на помош и поддршка за тргуваните лица.

Во текот на својата работа организацијата спроведува голем број на активности кои се однесуваат на спречување  на трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација преку реализирање на кампањи, истражувања, работа на терен, соработка со синдикатите и институциите и сл.

Трговијата со луѓе се случува кога луѓето се измамени или принудени да работат или даваат услуги, и притоа не можат слободно да заминат. Целта на трговијата со луѓе е секогаш да ги искористува  односно експлоатира луѓето.

Трудовата експлоатација не е иста што и трговијата со луѓе. Таа е една од компонентите на трговијата со луѓе и може да доведе до тоа. Трговијата со луѓе е кршење на основните човекови права и често вклучува опасни работни услови, заплашување, физичко и психичко малтретирање.

Оттука, напорите за спречување на трговијата со луѓе со цел трудова  експлоатација се директно поврзани со работничките права и зајакнување на работниците особено на жените работнички во секторите со слаби колективни права.

2.Кратко резиме на проектот „Стратешки партнерства за развивање на социјална агенда за промена: “Препознај, почитувај и остварувај права”?

Од јануари 2018 година, Отворена порта започна со спроведување на проектот „Стратешки партнерства за развивање на социјална агенда за промена: “Препознај, почитувај и остварувај права”, финансиски поддржан од Европска Унија.  Проектот има за цел директно да го подобри граѓанскиот активизам и да го зголеми капацитетот на граѓанските организациите во Северна Македонија, за тие да  станат активни агенти во подобрувањето за развојот на политиките за човекови права и владеење на правото со фокус на трговијата со луѓе, експлоатацијата и миграцијата.

Како дел од овој проект Отворена Порта поддржа10 други здруженија , меѓу кои и Гласен Текстилец и Здружението Достоинствен работник, кои во рамките на своите проекти спроведуваат активности кои се насочени кон трудовата експлоатација како дел од трговијата со луѓе.

Организациите кои се дел од овој проект се заложуваат да изградат трајна и ефективна мрежа подготвена да ги адресира прашањата кои се однесуваат на локално и национално ниво, на координиран, кохерентен и сеопфатен начин. Преку оваа мрежа, претставниците на граѓанското општество ќе се залагаат да проведуваат независно, објективно следење и истражување.

Врз основа на објавените наоди, тие ќе предложат развој на политики и ќе влијаат на процесите на донесување одлуки во јавноста. Целта е да се усогласат националните политики и активности на јавниот сектор со стандардите и вредностите усвоени од ЕУ преку пренесување на меѓународно знаење од партнерските организации на ЕУ.

3.Кажете ни нешто повеќе за работата со Clean Clothes Campaign ( CCC) Кампања Чиста Облека?

Отворена Порта е членка на  CCC  од  2016 година.  CCC е глобална алијанса посветена на подобрување на условите за работа и зајакнување на работниците во глобалната индустрија за облека.

Од 1989 година, CCC работи на обезбедување на почитување на фундаменталните права на работниците. Мисијата и е да ги едуцира  и мобилизира потрошувачите, лобира кај компаниите  и владите  и нуди директна солидарна поддршка за работниците додека тие се борат за нивните права и бараат подобри работни услови.

CCC ги обединува синдикатите и невладините организации кои покриваат широк спектар на прашања и интереси, како што се женските права, застапувањето на потрошувачите и намалувањето на сиромаштијата.

На национално ниво во рамките на CCC Отворена порта беше вклучена во спроведувањето на  Компаративна студија во 6 земји – Полска, Романија, Словачка, Албанија, Северна Македонија и Босна & Херцеговина (3 од членки на ЕУ и 3 земји кои не се членки на ЕУ) – јуни 2016. Основна цел на студијата беше  утврдување на работните услови, висината на платите  во кожарската и текстилната индустрија, и спроведување на законите. Дополнително спроведовме и истражувачка студија за прехрамбените навики на работниците во  индустријата за текстил и обувки со цел да се одреди  нивото на платата доволна за живот.

Студииите покажаа дека работниците во сите шест земји заработуваат исклучително ниски плати кои не се доволни за покривање на нивните основни потреби или на нивните семејства. Во земјава минималната плата е далеку од тоа да обезбеди пристоен стандард за живот на работниците и нивните семејства. Во сите истражувани европски земји, јазот помеѓу проценетата плата доволна за  живот и законски утврдената минималната плата е голем.

4.Дали е возможна соработка на невладините организации со синдикатите и институциите за реално унапредување на работничките права?

Соработката и градење на коалиции помеѓу НВО  и синдикати  игра  важна улога во унапредување на правата на работниците, нивна заштита како и во  организирањето на работниците во регионите или во секторите  со традиционално ниско ниво на синдикална организација и слаби работнички права како што е текстилната индустрија.

Соработката помеѓу синдикатите и невладините организации на Европско и меѓународно ниво се разви за  голем број на прашања.

На пример   Меѓународната федерација  на работници за  текстил, облека и кожа  (ITGLWF)  која е глобален синдикат,  учествува во кампањата  на (CCC). Оваа  коалиција започна во Холандија во 1990 година, со цел подобрување на условите за работа во текстилната индустрија во светот. Тука спаѓаат синдикатите, организациите на потрошувачи, женските групи, организациите за солидарност, организациите за развој, светските продавници и голем број невладини организации.

Соработката помеѓу синдикатите, невладините организации и институциите е можна и неопходна, со  заедничка перспектива за градење на општество во кое основните човечки потреби се главниот приоритет. Синдикатите и невладините организации треба да соработуваат на национално, регионално и на глобално ниво за да ги подобрат условите во текстилната индустрија за облека и спортски чевли и да го олеснат зајакнувањето на работниците, без прибегнување кон протекционизам. Ваквата соработка треба да се базира на меѓусебно почитување на различните улоги и методи, отворена и активна комуникација, градење партиципативен консензус и конструктивна критика.

Од друга страна националните влади имаат обврска да ги спроведат законите и да го санкционираат секој прекршок или неуспех во спроведувањето. Треба да постои обврзувачко законодавство кое ги исполнува стандардите утврдени во конвенциите на МОТ, но тие исто така, треба да спроведат етички политики за набавки.

5.Кои се планови на Отворена порта во иднина како дел од CCC  и дел од програмата против експлоатација?

Отворена порта во согласност со принципите на CCC продолжува да работи на структурно подобрување на условите за работа и зајакнувањe на работници во глобалната индустрија за текстил, облека и кожа.

И во иднина ќе вложуваме напори за  ​​подигнување на свеста и мобилизирање на луѓето да преземаат индивидуални и колективни активности.

Работниците имаат право да знаат за своите права (според националното и меѓународното право и договори,). Тие имаат право на образование и обука во врска со овие права. Самите работници можат и треба да го преземат водството во сопственото организирање и зајакнување.

Имајќи го ова во предвид, започна програмата во повеќе региони со цел да се зајакне женското лидерство и да се организираат жените работници во текстилната индустрија. За земјите  од југо- источна Европа оваа програма се спроведува со партнерски  организации  на CCC во Грузија, Полска, Хрватска, Северна Македонија, Украина Молдавија  и Србија кои  работат заедно за градење на капацитетите на женското лидерство. Отворена Порта – Ла Страда од Македонија ја раководи оваа  регионалана програма. Активностите кое се дел од оваа програма се однесуваат на спроведување на работилници во заедницата за запознавање со работничките права, обезбедување на обука за лидерство, тренинг и постојана поддршка за жените  лидери. Сите активности  се фокусираат  на градење на организациски вештини, трудово право и стандарди, застапеност на работниците во ангажманите со менаџментот и јавното застапување, одржување на состаноци за зближување на  жените лидери за размена на искуства и практики, организирање национални и регионални размени, тренинзи и градење на мрежи. 

 

ОВАА КОЛУМНА Е ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СОЗДАДИ МРЕЖА НА ЗНАЕЊЕ – ПРЕПОЗНАЈ И ПРИЈАВИ ПРЕКРШУВАЊЕ ПРАВА“ КОЈ ГО СПРОВЕДУВА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ, КАКО ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРОМЕНИ“ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ОТВОРЕНА ПОРТА, ФИНАНСИРАН ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА.

ОВАА ПУБЛИКАЦИЈА Е ИЗРАБОТЕНА СО ПОМОШ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА. СООДРЖИНАТА НА ОВОЈ ТЕКСТ Е ОДГОВОРНОСТ САМО НА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ И НА НИЕДЕН НАЧИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА