За убиство има застарување, но за долг за ѓубретарина нема
Интервју со Ана Глигорова од здружението “Човекот над профитот”, ТВ режисер, културолог и борец за човекови права.
„ Не сме задоволни и од тоа што нема ретроактивност на примената на трошковникот, туку тој важи само за нови долгови, од 2019 година. За другите останува иста мака, плаќање на огромни, напумпани долгови директно во џебовите на новата класа- правничка буржуазија заштитена со закон од страна на државата. Очекувавме вистински измени, а не шминка. “
1.Ана Глигорова од здружението “Човекот над профитот” изминатите години укажува на фактот за голема сиромаштија во државава и работата на извршителите. Колку е поврзана работата на извршителите со сиромаштијата на македонските граѓани?
Покрај многуте ниски плати, пензии, хонорари, извршувањата на виртуелните долгови придонесуваат животот во оваа земја да станува се понеподнослив. Зошто виртуелни? Како прво, висината на основниот долг на човекот и висината на тоа што доаѓа како сума за плаќање од извршителот неретко се разликува по пет, седум , десет пати. Ако основната сума била 1000 денари, физичкото лице треба да плати на пример 12 000 ден. Тоа е 12 пати повисока сума. На што отпаѓаат тие 11 000 ден. ? На крвничка казнена камата, немање на застарување на долг, награди за нотари, адвокати, извршители. Лицето е приморано да плаќа лихва кон одредена фела, која создава екстра профит преку рекетирање на веќе сиромашните луѓе. Ова е еден нечовечки процес кој неминовно води не само кон дополнително оттуѓување на човекот од плодовите на својот труд, платата, пензијата, хонорарот, туку и кон оттуѓување на човек од човек.
2.Здружението “Човекот над профитот” заедно со уште неколку други здруженија (“Но пасаран”, “Гласен Текстилец “) и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија покренаа една иницијатива со назив “Стоп за извршителите”. Преку оваа иницијатива се собираа потписи низ градовите против работата на извршителите. За први мај, Денот на трудот, се организираше и марш. Која е целта и за што се залагаат здруженијата и синдикатот од иницијативата Стоп за извршителите?
Последниве четири-пет години се бориме против една мафија вгнездена во системот. Мафија на која со закон и е дозволено рапидно да ги осиромашува луѓето со рекетирање и лихварење. На луѓето секој месец им се одбива по една третина и од така многу ниската плата или пензија, просекот е 200 евра, и не им остануваат пари за основно преживување. Нашата борба – бришење на казнената камата на долговите, егзистирање на застарувањето, ревизија на работата на извршителите кои имаат досега направено кривични дела, (дел од нив ). Дадовме предлог закон до Собранието за бришење на долгови за комунални услуги направени до 2015 година, на кој предлог немаме одговор. Иницијативата за преиспитувањето на спорниот член 10 од законот за извршување од 2009 год. кој се провлекува и во сегашниот закон со кој со пренос на судските предмети од 2011 год, на новите извршители застарувањето се прекинува, е одбиена како неоснована. Значи, долгот може да биде и 25 години стар, човекот сега да има 90 години, и пензија од 7000 ден., до крајот на својот живот да плаќа казнена камата? Мислам дека ние сме единствена земја во светот каде за убиство има застарување, но за долг за ѓубретарина нема. Во Македонија нема застарување, затоа што се што надмашува десет години е веќе виртуелна сума. Конечно, нашата интенција е враќање на извршителите во судот на плата, а не на екстра профит како сега, тие се и приватници и службеници со посебни овластувања назначени од министерот за правда, а се безобразно богати. Укинување на казнената камата која изнесува 8 %. Ревизија на целиот апарат на извршување -доверител, нотар, судија, извршител, под итно, поради огромниот број на злоупотреби и криминал кој е направен. Одземање на лиценци. За се ова да се постигне потребен е привремен мораториум на извршувањата, за да се спроведе таа ревизија. Сѐ уште над 80 000 трансакциски сметки се блокирани.
3.Имате постојано контакти со луѓе кои имаат проблеми со долгови и кои се на работ на егзистенција. Колку од тие животни стории допираат до јавноста?
Секојдневно не контактираат луѓе кои буквално се ограбени. Од главницата која изнесувала 2000 – 3000 денари виртуелниот долг станал 70 000 денари. На пример жена која пред неколку години земала мал потрошувашки кредит од 1500 евра на својата плата од 250 евра (работи во државна администрација) поради лични причини (здравствени) задоцнила со рата, и доаѓа извршно решение со кое повторно треба да ја плати целата основица, иако веќе плаќала неколку години ( тоа не и важи) преку извршител. Повторно ја плаќа целата сума на рати, и кога мисли дека исплатила, извршителот и вели дека треба сега да плати за камата уште 60 000 ден, но со рати таа сума ќе станела 90 000 ден. Таа е избезумена, сфаќа дека со години ќе мора да плаќа секој месец по една третина плата. Кога прашува во банка уште колку и останоло од долгот, во банка и велат дека извршителот не им ги префрлил парите, а кај извршителот дека банката е главна. Личноста е избезумена, ќе плаќа од бедната плата уште многу години виртуелен долг.
4.Што се случува со новите законски измени и новиот Закон за извршување?
Новиот трошковник кој го предложи владата, со кој наградата за извршителите не би била поголема од 20 % од главницата се усвои од Собранието и веќе е на сила. Но, во Служениот весник стои поинаку, – 20 % од главница и каматите, со што сумата која би ја земале извршителите би била различна и доста поголема.Едно предложија, друго реализираа. Лихварски би бил трошковникот за постари долгови, нели ние немаме застарување. Не сме задоволни и од тоа што нема ретроактивност на примената на трошковникот, туку тој важи само за нови долгови, од 2019 година. За другите останува иста мака, плаќање на огромни, напумпани долгови директно во џебовите на новата класа- правничка буржуазија заштитена со закон од страна на државата. Очекувавме вистински измени, а не шминка.
5.Кои се идните планови на иницијативата Стоп за извршители?
Протести планираме сигурно. Борбата продолжува и преку институциите на системот, но и на улица. Нема застанување, не смееме да дозволиме група од 1000 луѓе (диверители, банкари, нотари, извршители, судииѐ) да извршат геноцид на стотици илјади луѓе.