Конфекционерките

„Ќе дојде време кога ќе се кажува колку сме биле силни и во вакво едно невреме кое трае предолго. Се навикнавме само да прераскажуваме судбини, друго не преостана, не можеме да си дозволиме…“

 

Најголема радост во животот е да добиеш дете, да му се радуваш, да го чуваш, да го пазиш… Му даваш живот, го опсипуваш со љубов, се трудиш да го научиш на морални вредности, добрината победува, а вистинските вредности се наградуваат. СТОП! Ова е модерна утопија! Така не учеа нас во некои минати непрежалени времиња, но во денешно време тоа не важи. Денес нема место за чесноста, трудот, добрината… Како јас да му објаснам на моето дете дека сета моја младост, здравје, надеж, ентузијазам отидоа во неповрат…

Сигурно насетувате и не се срамам да кажам – конфенционерка сум. Во нашата мала држава е срамота да разботиш во конфекција, тоа е како сизифова задача. Во нашата држава гордост е да крадиш или да познаваш некого кој умешно краде, но не и чесно да си го заработиш лебот. Многу вечери седам и размислувам колку сум само скршена од овоа секојдневие, но сепак уште горда и благодарна на моите родители кои чесно ни изградија и оставија кров над глава. А јас денес тоа не можам да му го пружам на моето дете. Размислувам како да го преживеам денот со мојата смешна дневница од 100-200денари за 8 часовна тешка работа. Жално е што повеќе од 20 години не лажат дека сме во транзиција, која за нас обичните смртници никако да заврши, во која се што е неморално напредува, а жалните души кои се трудат чесно да заработат(текстилци, кожари, градежници, рудари) минуваат во очај ден по ден.

Да сумираме, најтешката работа во оваа држава е и најнеценета. Слушаме како во другите држави работниците се почитувани и добро платени, како и со најмалата плата може да се живее достојно, а овде шивачката голта солзи кога зема плата. Сака да оди и да купи кашкавал, ама пустиот е прескап, па зема една зденка и се надева дека наредниот месец ќе зеде поголема плата и ќе им купи кашкавал на децата. Секогаш кога земаат плата шивачките сакаат да заминат во странство, каде освен што многу ќе работиме туку и ќе бидеме реално платени за тој труд. Веќе многумина заминаа бидејќи немаат егзистенција овде, избегаа од тоа секој ден да мислат која е најстара сметка за плаќање. Избегаа од тоа да работат само за сметки како нас. Не дај Боже да ти чукнаат на врата лешинари, овај извршители, толку е. Заминаа бидејќи не остана надеж за подобро утре, заминаа без да се свртат назад. Ние шивачките немаме ниту надеж ниту платен стаж, оти им се може на газдите, па работиме денар по денар. Криеш по ќошеви, не знаеш што може да биде утре. Живееш во страв од утрештината. Денес си тука утре те нема. Умирачаката е скапа. Работиме за да не им оставиме долг на нашите деца, не можеме да им придонесеме доволно на газдите па за нас нема ништо, важно е да не сме во минус кога ќе си заминеме. А газдите секоја вечер се по кафаните, на ручек преку граница, напорно е да смисли како ќе му се скрати на работникот.

На телевизија слушаме вицови, ни велат дека пред законот сме исти, а никој не знае каде е тоа право загарантирано со Устав да работиш и заработиш за достоен живот. Газдите ни велат, има работнички права и тоа загарантирани со закон, ама не за без’рбетници како вас. Во право се. 20 години работам, кичмата ја искривив над машината,  заработив само болести и минуси на сметка, трудејќи се да не станам без’рбетник.  Еве се мачам со моите две очи и десет прсти да работам, но така пари не се печалат. Не знам да крадам. А денес тоа се највреднитe особини во ова труло секојдневие. Затоа ова велам дека е сизифова работа. Свесни се работниците за своите права. Ќе разберат и оние академски граѓани што работат во кафани, продавници. Нема да разберат само административните работници оти за таму само партиска книшка треба. А не е ни битно. За сите ние сме само едни парталковци, парталковци кои за 20 години работа во Македонија не можеме ни една облека да си купиме. Нека има за децата, ние, родителите се научивме на гола сиромаштија. И ако порано им посакувавме на децата да завршат школо и да се вработат, сега им посакуваме што побрзо да извадат бугарски пасош и да си отидат преку граница.

Банално е веќе да зборувам за тортура, мобинг, неплаѓање на минималец враќање на плата, прекинат стаж, тоа  со години наназад е пракса во конфекцијата. Не се најде јунак што тоа ќе го спречи.

Си испразнив душа и се извинувам. И да, досадно е да слушаш само лошо. И да речам само едно браво за сите оние страдни души. Ќе дојде време кога ќе се кажува колку сме биле силни и во вакво едно невреме кое трае предолго. Се навикнавме само да прераскажуваме судбини, друго не преостана, не можеме да си дозволиме…

Си мислам Рацин да пишувал во оваа денешница сигурно наместо да се вика Тутуноберачите, би се викала Конфекционерките. За туѓи бели дворови, копај си црни гробови.

Пишува: текстилна работничка

ОВАА КОЛУМНА Е ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СОЗДАДИ МРЕЖА НА ЗНАЕЊЕ – ПРЕПОЗНАЈ И ПРИЈАВИ ПРЕКРШУВАЊЕ ПРАВА“ КОЈ ГО СПРОВЕДУВА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ, КАКО ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРОМЕНИ“ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ОТВОРЕНА ПОРТА, ФИНАНСИРАН ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА.

ОВАА ПУБЛИКАЦИЈА Е ИЗРАБОТЕНА СО ПОМОШ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА. СООДРЖИНАТА НА ОВОЈ ТЕКСТ Е ОДГОВОРНОСТ САМО НА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ И НА НИЕДЕН НАЧИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА