Приказните во малите градови започнуваат од иглата
„Денес сум уште таму, работам од понеделник до сабота. Пекувремената работа кај нас не постои, ја нема на исплатните листови, ја нема во платата, ја има само во погонот во кој никој не влегува во сабота наутро или пак сабота попладне.“
Не знам како да ја започнам оваа колумна, а да не го оставам оној впечаток на изнемоштена жена вработена во текстилната индустрија. Како да зборуваш за својата работ, а при тоа да делуваш задоволно? Најверојатно ние вработените во тој сектор сме проколнати со себе да ја носиме нашата мака. Со години сум таму, и со години сум опкружена со намуртeни, свенати лица. Никој не доаѓа на работа со насмевка и нико не излегува од погонот со крената глава. Не станува збор само фирмата во која сум вработена моментално, туку и сите претходно. Нема разлика во платата и условите за работа, само називот на фирмата е. Работодавачите, наместо да бидат конкурентни, тие дејствуваат како најдобри пријатели. Тие се како одбрана дружина која има за цел да ја исцеди од работникот и последната капка пот и притоа да најде начин како да не му плати за тоа, а уште подобро ако може нешто дополнително да му скрати. Од првата фирма си заминав со надеж дека ќе најдам подобро. Добар работник сум, си ги извршувам обврските, зошто да не отидам некаде каде што ќе се почитува мојот труд и моето време? Како само ли се прејдов. Текстилната работничка не е ценета, работата во текстилната индустрија се омаловажува. Наидов на слична ситуација како и претходно. Познатите тактики со недостижните норми и овде беа секојдневие. Ако денес успееш да ја стигнеш нормата веќе наредниот ден е покачена. Ветувањата дека саботите се работат ретко, само по потреба, траат дури до првата сабота. Речиси секогаш има потреба да се работи во сабота, понекогаш дури и недела. Имало моменти кога сум посакувала да заплачам, да се развикам сред погон ама пусти долгови и сметки те замолчуваат. Молчев и шиев бидејќи ако кажев нешто знаев дека ќе се соочам со познатата фраза „Ако мислиш дека ќе најдеш подобро ене ти ја вратата“ , а и самата бев свесна дека насекаде е слично. Старите навики тешко умираат, уште потешко кога не наидуваат на отпор. Болките што почнав да ги добивам од работата сериозно ме замислија уште колку долго можам да останам во текстилната индустрија. Дали е поважно здравјето или мизерната платата? Нормално дека најблиските кои ме сакаат ме советуваа веднаш да дадам отказ. Дури и јас самата бев свесна дека за тие пари не е вредно да си играм со моето здравје. И покрај сите непријатности и болката која почна да се одразува и надвор од работното време решив да продолжам со работата. Останав бидејќи бев свесна дека надежта нема да ми ги плати сметките. Ги минував деновите со апчиња, боледувањата почнаа да зачестуваат, а согласно со тоа да се намалува и платата. По неколку години решив да ставам крај на приказната со текстилот. Премногу напор за премалку пари. Кога претече чашата непоколебливо решив да заминам и никогаш да не се вратам. Дадов отказ. Овде заврши секоја приказна што ја имав со текстилот. Одлучив да поминувам повеќе време со семејството, да им се посветам на најблиските, да најдам подобра работа и да ја вратам ведрината во животот. Реалноста за жал после неколку месеци пак ми удри шлаканица. Друга опција освен текстилот кај нас не постои. Неможноста да ги платам сметките ме врати назад во погонот. Денес сум уште таму, работам од понеделник до сабота, прекувремената работа кај нас не постои, ја нема на исплатните листови, ја нема во платата, ја има само во погонот во кој никој не влегува во сабота наутро или пак сабота попладне. Работам и по 10 часа во денот, работам и за празник, работам како да е тоа најдобро платената работа во државата, како тоа да е мојот дом. Работам за да можам да ги платам сметките. Работам и ќе работам се додека не се појави можност да си заминам од државава. Да се надевам дека тој ден ќе стигне побрзо, само тоа ми остана.
Пишува: текстилна работничка
ОВАА КОЛУМНА Е ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СОЗДАДИ МРЕЖА НА ЗНАЕЊЕ – ПРЕПОЗНАЈ И ПРИЈАВИ ПРЕКРШУВАЊЕ ПРАВА“ КОЈ ГО СПРОВЕДУВА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ, КАКО ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРОМЕНИ“ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ОТВОРЕНА ПОРТА, ФИНАНСИРАН ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА.
ОВАА ПУБЛИКАЦИЈА Е ИЗРАБОТЕНА СО ПОМОШ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА. СООДРЖИНАТА НА ОВОЈ ТЕКСТ Е ОДГОВОРНОСТ САМО НА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ И НА НИЕДЕН НАЧИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА