Повик за будење на свеста кај работниците
„Како да се сплотиме и сите против овие неправди да се избориме? Не сме малку. И не сме само ние. Не бараме многу. Бараме почит и плата која е реална за потребите на нас и нашите семејства.“
Конфекциската работа лесно би се опишала со еден збор – ропство, тој збор кажува се што сакате да знаете за конфекцискиот живот. Работниците ( најмногу оние во текстилната индустрија) од секогаш биле експлотирани, но не како денес во 21 век. Иако паметиме и убави времиња знаеме дека денес тие ни се недостижни и наместо да одиме напред ние се враќаме назад. До кога…? Додека ние чекаме подобро утрe, животот станува поскап, а платите никако да ни пораснат, животот оди напреd, a ние, работниците стоиме во место, никако да се придвижиме со текот на времето. Потребите на газдите се преголеми, а нашите плати премали. Не познавам работник кој не должи еден, два или три кредити. Тоа е проклетството во текстилството. Со платата што ја добивме не можеме да сврзиме крај со крај, единствената опција е да се заборчиме. Насекаде долгови, за струја, за вода, за телефон, банките и извршителите ни се претворија во најдобри „пријатели“ не ѕвонат секојдневно на телефон. Кога ќе ги платиш сите комуналии, струјата и кога ќе купиш јадење не останува ништо. Облека? Не ни размислуваш за некое парче нова облека да имаш за лошо за арно. За нас облеката претставува луксуз. Кредитот ако не го подмириш на време треба да плаќаш камати до крајот на животот, извршителите не се работници од конфекција, тие немаат разбирање, ниту можат да сфатат што е крпен живот со плата од 12 000 денари. Немаат ни жал ни милост, ним им се чини дека раскажуваме приказни, а колку само посакуваме тоа да се приказни и во суштина да живееме во една поинаква реалност, подобра, полесна. Не веруваат, бидејќи не се соочиле со ситуација да немаш доволно за нормален живот, тие имаат и за ние што немаме. Што може да се стори во таква ситуација? И со кого? Има ли кому да се обратиме, има ли некој што ќе не слушне и ќе ни помогне? Работничките права ни ги сведоа на минимум, ја најдоа секоја можна дупка во законите, а онаму каде што немаше ја ископаа. Станавме модерни робови на нашите газди. Но, не се само тие виновни, имаме закони кои се направени со намера да не важат за нас. Имаме институциикои не се интересираат за состојбата на работниците, ним воопшто не ми е гајле што јас денес на работа морав да испијам два дијазепама за да се смирам од тортурата на мојот газда, нему никогаш не му е доволно и нему секогаш му се виновни работниците. Еве, на пример, газдата има право да го измени договорот, да те наведе да го потпишеш, а таму стои од неопределено на определено работно време , па и на 4 часа. Има право да ни вика, да не навредува, да не тера да работиме прекувремено без да ни го плати тој труд, овде газдата има право на се. Со неговите постапки и тоа што институциите немаат слух за нас, работниците се обесхрабрени да зборуваат воопшто, а не пак да се гласни за своите права. Со воведувањето на минималната плата државата мисли дека го заштитила работникот, а дали е така и во пракса? Дали не се свесни или немаат увид дека ни таа минимална плата не се исплаќа? Ако се исплаќа, се враќа назад. И за што е доволен тој минималец? За сметките, да. И толку. Мора да проработи свеста кај нас работниците. Правата секојдневно ни се одземаат. Молкот е се погласен. Како да се сплотиме и сите против овие неправди да се избориме? Не сме малку. И не сме само ние. Како сите да добијат слика дека зависат од нас? Да застанеме еден до друг за да излеземе од ова ропство. Не бараме многу. Бараме почит и плата која е реална за потребите на нас и нашите семејства. Сакаме достоинствен живот, да работиме и заработиме, сакаме кога ќе отидеме на работа денот да не ни започне со дијазепам. Се надевам ќе успееме. Ако не за нас, барем за нашите деца. Дотогаш….Надежта последна умира….
Пишува: текстилна работничка
ОВАА КОЛУМНА Е ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СОЗДАДИ МРЕЖА НА ЗНАЕЊЕ – ПРЕПОЗНАЈ И ПРИЈАВИ ПРЕКРШУВАЊЕ ПРАВА“ КОЈ ГО СПРОВЕДУВА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ, КАКО ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРОМЕНИ“ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ОТВОРЕНА ПОРТА, ФИНАНСИРАН ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА.
ОВАА ПУБЛИКАЦИЈА Е ИЗРАБОТЕНА СО ПОМОШ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА. СООДРЖИНАТА НА ОВОЈ ТЕКСТ Е ОДГОВОРНОСТ САМО НА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ И НА НИЕДЕН НАЧИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА