Дијаспора – сонот на младината
„Ако замолчам ништо нема да променам, тоа ќе биде како да ја пуштам во брза река, ако сторам се што можам барем ќе знам дека сум се обидела, макар и не успеала. И го должам тоа нејзе. Зарем не е должност на секоја мајка да го заштити детето од злото? Има ли поголемо зло на жените во овие мали средини од конфекцијата? Те троши, те преморува.“
Со конфекцијата се запознав веднаш по завршувањето на средното училиште. Нашиот град освен конфекција не нуди никаква друга алтернатива за жените, па така немав некој избор за работа. Никогаш не сум се замислувала дека ќе работам во конфекција, не го сакав тој збор, го слушав насекаде околу мене и ми асоцираше на мака. Растев со луѓе кои работеле во конфекции и затоа знаев дека тоа ме очекува и мене, но она од што се обидувам да избегам и да не размислувам е дека утре може и ќерка ми да дојде и да работи овде. Тоа е мојот најголем страв, не сакам да заврши во прашината, да го диши тешкиот воздух во лето, или да работи во јакна во зима. Не сакам да ја замислам позади таа машина, се плашам како би реагирала ако некој само се обиде да го повиши тонот над неа, да и вика, да ја навреди. За мене не е проблем, навикнав, отрпнав. Животот знае да те натера да ги прифатиш работите кои мислиш дека никогаш не би ги прифатила. Но, за ќерка ми сум подготвена да ја бијам и онаа битка која однапред е означена со пораз. Мајчинството е кога себе се ставаш на второ место. Овие маки ги трпам со надеж дека таа утре нема да минува низ истите. Ништо не може да ме налути повеќе и да ме натера да се борам од сликата на ќерка ми позади машината, преморена, со наведнато лице и тажни очи. Таа ја претставува сета моја должност да се борам за правата на работниците и да не губам надеж. Ако замолчам ништо нема да променам, тоа ќе биде како да ја пуштам во брза река, ако сторам се што можам барем ќе знам дека сум се обидела, макар и не успеала. И го должам тоа нејзе. Зарем не е должност од секоја мајка да го заштити детето од злото? Има ли поголемо зло на жените во овие мали средини од конфекцијата? Те троши, те преморува. Мене можете да ми земете се, но нејзе не ја давам.
Не успевам секогаш да ја усреќам. Можностите ми се мали, желбите секогаш преголеми. Верувајте и јас сакам да го пратам своето дете на одмор на егзотични дестинации, да му купувам облека по најнова мода, да ги носам на вечери по ресторани, но се нема пустото. Сакам и јас таа да го има телефонот што го има ќерката на газдата, ама ни велат дека нас не не бива. Само тие знаат како да заработат пари и да им го дадат светот на дланка на своите деца, ние сме само жени кои не се способни да го збогатат газдата уште повеќе. Ние не сме ништо.
Се плашам, секоја ноќ пред да заспијам ја замислувам иднината, а таа јасна како ден. Изборот и не е многу голем, или ќе отиде да работи во конфекција или ќе замине во странство. А сакам да оди, и покрај сета љубов што ми гори во срцето би сакала да замине, бидејќи знам дека таму нема да биде приморана да работи во никакви услови за никаква плата. Се надевам дека таму ќе има избор, далеку од мене, далеку од конфекцијата. И не знам кога се рашири оваа болест во толку големи разлики, но ние заробените во текстилната индустрија имаме само еден сон „Децата да ни заминат во странство“.
Оди ќерко, немаш што да пропуштиш овде.
Пишува: текстилна работничка
ОВАА КОЛУМНА Е ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СОЗДАДИ МРЕЖА НА ЗНАЕЊЕ – ПРЕПОЗНАЈ И ПРИЈАВИ ПРЕКРШУВАЊЕ ПРАВА“ КОЈ ГО СПРОВЕДУВА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ, КАКО ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРОМЕНИ“ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ОТВОРЕНА ПОРТА, ФИНАНСИРАН ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА.
ОВАА ПУБЛИКАЦИЈА Е ИЗРАБОТЕНА СО ПОМОШ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА. СООДРЖИНАТА НА ОВОЈ ТЕКСТ Е ОДГОВОРНОСТ САМО НА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ И НА НИЕДЕН НАЧИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА