Промените сами нема да дојдат

Интервју со Здравко Савески, доктор на политички науки, синдикалец и активист, член на политичката партија Левица.

Газдите ќе трупаат екстра-профити, зашто им се може. А работничките ќе го крпат животот. И ќе ги цедат на работа. Ќе им газат по достоинството, ќе им ги кршат правата. Мора пружање отпор на сето тоа. Мора организирање. Мора заеднички да се крене глас. Се разбира, тоа е тежок пат. Но, оној што се бори – може да изгуби. Оној што не се бори – веќе изгубил.“

 

1. Како активисти, Здравко Савески го знаеме како синдикалец, еден од ретките кој зборува гласно за социјалната правда во државава, но и член на политичката партија Левица. Ја знаеме катастрофалната положба на работникот кај нас, и со услови и со плати. Имаме ли работничко движење во државата или се е само популизам?

За да имаме работничко движење, треба да се вложат доста напори тоа да се изгради. Едно силно работничко движење има силни синдикати, кои кога ќе се заканат со штрајк, газдите сериозно почнуваат да отстапуваат. Треба работничка партија која ќе ги брани работничките интереси во Собранието и на подолг рок, ќе ја преземе власта во корист на работниците. И требаат работници кои ќе ја осознаат својата моќ, ќе покажат поголема подготвеност за колективна акција и ќе го заменат очајот и резигнираноста со револт и вистинска желба да живеат подобар живот, а не да прифаќаат крпење на животот.

Да се постигне сето ова е тешко, но далеку од невозможно. А има голема потреба да се работи во таа насока. Зашто, додека чекаме некој друг да ни ја заврши работата, или да се смилуваат на нас газдите или власта, па да ни фрлат некоја коска, нашиот живот ќе биде ваков: полн со газење по нашето достоинство и права и без перспектива дека конечно ќе ги тргнеме настрана материјалните грижи и ќе почнеме да го живееме животот.

Важно е да се сфати дека ова не се празни зборови, дека е можно да почнеме да живееме подобро, а тоа да не е преку иселување или преку вадење партиска книшка. Но, се’ додека се оддаваме на очајот и резигнираноста, се’ додека одиме по линијата на помал отпор, нема да направиме исчекор.

2. Какво е вашето мислење за македонските синдикати, бидејќи имате искуство и порано бевте дел од истите? Знаеме дека долги години чекавме промена на синдикалното раководство на нашиот репрезентативен синдикат, Сојузот на синдикати. Дали има, според вас, некаква промена по заминувањето на Живко Митревски?

Јас бев две години секретар на Мултиетничкиот синдикат на образованието во состав на ССМ. Во 2017 година, по смената на Живко Митревски, си дадов оставка, зашто видов дека во ССМ продолжува практиката синдикалците да се тепаат за фотелјите, а не за работничките права. По промената на власта, одеднаш многу (иако не сите!) синдикалци кои го креваа гласот против антиработничките политики на ВМРО-ДПМНЕ, замолчија пред антиработничките политики на СДСМ. Па се пропушти уште една прилика ССМ да се извлече од канџите на СДСМ-ДПМНЕ, на тие две партии што му слугуваат на крупниот капитал, и наместо синдикатот да ги слуша нив, тие да почнат да го слушаат него.

Но, суштината на проблемот е во тоа што ние постојано чекаме промена. Промените сами нема да дојдат. Зошто синдикатите не чинат? Зошто имаме синдикалци кои единствено се интересираат за своите фотелји? Зашто ние како работниците тоа го дозволивме и се’ уште го дозволуваме. Ако не ни чинат синдикатите, треба да се влезе во нив, да почнат да се преземаат раководните места од канџите на синдикалната бирократија и да се промени политиката на синдикатите од слугување на партиските интереси во унапредување на работничките интереси.

3. Според вас, кој е главниот виновник за состојбите со ниските плати, непочитувањето на работничките права и лошите услови за работа?

Виновни се партиите кои им слугуваат на интересите на капиталот. Зашто на „своите“ газди им прогледуваат низ прсти кога остваруваат екстра-профити преку кршење на правата на работниците. И зашто работат на измена на законите на штета на работниците, токму зашто тоа е во интерес на капиталот, чии интереси ги штитат.

Виновни се и газдите, зашто буквално се ненаситни во својот глад за што поголем профит. Ретки се тие газди за кој приоритет е исплатата на работничките плати и почитување на законите што ги штитат работниците, а не тоа да зграбат што повеќе пари.

Виновни се и синдикатите, кои не застануваат во заштита на работниците или тоа го прават доста млако. Но, виновни се и работниците, можеби најмногу тие самите, зашто не застануваат во одбрана на сопствените права. Ако сам не си ги браниш правата, како очекуваш некој друг за тебе тоа да го направи? Ако сам не си ги браниш правата, виновен ли е газдата што решил тоа да го искористи во своја полза?

4. Македонија е на европскиот врв според процентот на граѓани кои живеат во т.н. модерно ропство, стои во најновиот извештај за Глобалниот индекс на ропство за 2018, кој го објавува австралиската фондација „Волк фри“ (Walk Free Foundation). Овде се вбројува текстилната индустрија, долгови кон банки, немање пристап до правда и слично. Како земја како нашата, која се наоѓа во Европа помеѓу развиени земји, е на исто ниво со земји како Туркменистан, Бангладеш и слични?

Зашто тоа самите го дозволуваме. Тоа е горчливата вистина. Ќе ви наведам еден пример, кој го посочија од Министерството за финансии. Текстилна фабрика со 376 вработени. За нивните плати газдата исплаќа 53.000 евра месечно. А тој за себе месечно зема 73.000 евра. И сега, внимавајте. Тој зема астрономска сума пари секој месец, значително поголема од платите на сите негови работници, а истовремено слободно може да се тврди дека и тој се жали, како и другите газдите на текстилни фабрики, дека немал пари за да ги зголеми платите на неговите работници и работнички. Како тоа, секој месец земал по 73.000 евра, а немал пари да ги зголеми платите? Ако земал „само“ по 50.000 евра месечно, тогаш ќе можел да ги зголеми платите на работниците. А 50.000 евра месечно малку пари се?

Но, нема кој да му се спротивстави, па затоа така се однесува. И се’ додека нема кој да му се спротивстави, нему и на таквите како него, само ќе се жалиме дека сме паднале на ниво на Туркменистан и Бангладеш.

5. “Треба да се направи чекор потаму од голото констатирање дека се намалуваат и кршат работнички права” – реченица на Здравко Савески. Според вас, што треба да се превземе и која е нашата улога како активисти?

Да, работничките права се намалуваат преку измени на законите и во практиката се кршат и оние права што уште не успеале да ги укинат. Не дека не е важно да се внимава што прави власта и да се алармира кога ќе преземе или нема да преземе нешто во интерес на работникот. Но, тоа не смее да биде единственото нешто што се прави, ниту да се претвори во жалопојка. Премногу лесно си ги земаме работите кои се на наша штета како работници здраво за готово, премногу лесно се помируваме со тоа, премногу лесно се задоволуваме со крпењето на животот. Мора да ја вратиме вербата дека може да се живее живот кој нема да биде крпен, мора да ја вратиме вербата во организираната сила на работниците. Тоа треба да биде важен дел од делувањето на работничките активисти.

6. Што би им порачале на работниците/чките од текстилната индустрија?

Без спротивставување – нема да се подобри ситуацијата. Власта ќе фрла трошки за да фати некој глас плус на избори, газдите ќе трупаат екстра-профити, зашто им се може. А работничките ќе го крпат животот. И ќе ги цедат на работа. Ќе им газат по достоинството, ќе им ги кршат правата. Мора пружање отпор на сето тоа. Мора организирање. Мора заеднички да се крене глас. Се разбира, тоа е тежок пат. Но, оној што се бори – може да изгуби. Оној што не се бори – веќе изгубил. Оваа стара синдикална изрека треба да се запомне. И, уште повеќе, да се примени.

 

ОВА  ИНТЕРВЈУ Е ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СОЗДАДИ МРЕЖА НА ЗНАЕЊЕ – ПРЕПОЗНАЈ И ПРИЈАВИ ПРЕКРШУВАЊЕ ПРАВА“ КОЈ ГО СПРОВЕДУВА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ, КАКО ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРОМЕНИ“ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ОТВОРЕНА ПОРТА, ФИНАНСИРАН ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА.

ОВАА ПУБЛИКАЦИЈА Е ИЗРАБОТЕНА СО ПОМОШ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА. СОДРЖИНАТА НА ОВОЈ ТЕКСТ Е ОДГОВОРНОСТ САМО НА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ И НА НИЕДЕН НАЧИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИJA