ИНТЕРВЈУ СО МИЛА ЦАРОВСКА – Министерка за труд и социјална политика
Ова интервју е дел од интервјуто кое го водеше Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“ во склоп на првиот број од весникот Текстилец кој беше објавен во 2018 година.
„Држававта недоволно се грижеше за работничките права. Поради ова, се вложуваат напори сето тоа да се надмине и сите заеднички да работиме за подобрување на бизнис- климата, која би довела до позадоволни работници и работодавачи. За сето ова е потребно, меѓу другото, и подобрување на законската регулатива од областа на работните односи и безбедност и здравје при работа, како и функционирање на сите институции за почитување на истата, вклучувајќи го Трудовиот инспекторат.“
1.Прво и основно, ја знаевте ситуацијата со правата на граѓаните , работниците, маргинализираните, оние најранливите уште пред да дојдете на местото министер за труд и социјална политика. Но, дали знаевте дека ситуацијата е до толку урнисана и катастрофална и дека ја преземате можеби најголемата и најнеблагодарната работа во новата Влада?
Состојбата добро ја познавав и претходно, како што и сами констатиравте, и да бидам искрена не бев премногу изненадена од она што го затекнав. Како социјален работник и активист имав прилика одблиску да разговарам со работниците и на тој начин многу подобро да се запознаат со проблемите отколку тоа што го правеле претходно институциите. Затоа и сега се трудам блиску да соработувам со граѓанските организации кои секојдневно дирекно комуницираат со граѓаните – тие најдобро ги знаат реалните проблеми на терен. Воопшто не ми е криво што го преземав овој ресор кој е предизвик за мене. Од проблемите не бегам, предолго се запоставија социјалните услуги и работничките права за тоа да се продолжи. Јас сум цврсто решена од корен да ги менувам работите и преку темелни реформи. Ова е долг процес кој не дава резултати преку ноќ, но ги решава проблемите на долг рок.
2. Текстилната индустрија е многу важна индустриска гранка во Држававта која во последниве, години трпи бројни порази и лоша репутација. Дел од тоа се ниските плати, лошите услови за работа, лон производството, бројноста на прекршувања на работничките и на човековите права и немањето на нова работна сила поради незаинтересираноста на младите да се вработат токму тука. Како вие ја гледате текстилната индустрија во иднина бидејќи Вашите мерки за поддршка се однесуваат за оваа гранка? Дали сметате дека со субвенционирање на платите, наместо помош во автоматизација, пренасочување од лон во сопствени брендови, ќе се надмине проблемот и ќе се помогне во подобрување на стандардот на граѓаните и стабилност на оваа индсутрија?
Една мерка нема да може да ја подобри ситуацијата во трудовите сектори. Секако дека како и во другите дејности треба да постои стратегија за развој, која ќе ги детектира слабостите, причините и патеките за развој кои треба да се утврдат на краток и на подолг временски период. Но, треба да се има во предвид дека целосно решение не може да се изнајде за краток временски период. Во ова дејност проблемите се наталожени од поодамна. Но, оваа Влада заедно со претставниците од овие дејности ги превзема првите чекори со цел да помогне и да влијае превентивно на состојбите со цел да се обезбеди подобар животен стандард на вработените во оваа дејност,односно, подобрување на економско- -социјалната состојба на работниците, а воедно и да им се помогне на работодавачите да опстојат на пазарот на трудот.
Така со измените на Законот за минимална плата со која се зголеми минималната плата од септември 2018 за сите вработени, воедно истата се изедначи за сите вработени во земјава. Со овие измени вработените од дејностите од текстилот, производство на облека и производство на кожа имаат право на иста висина на минимална плата како и останатите вработени. Во согласност со ова, во наведенивте дејности висината на минималната плата се зголеми за 25 %, наспроти зголемувањето за останатите дејности чие зголемување изнесува 19 %. Ваквото зголемување на минималната плата има влијание на порастот на платите во истите дејности и на вкупната плата.
Покрај покачувањето на минималната плата, со измените и со дополнувањата на Законот за минимална плата, од септември 2018 година, се даде и законска можност за обезбедување на финансиска помош за исплата на минималната плата. Имено, се предвиде финансиска помош од Буџетот на Република Македонија во висина од 500 до 2 .000 денари, во зависност од висината на платата на работникот, со цел да им се помогне на работодавачите да го издржат финансискиот товар од зголемувањето на минималната плата.
Порастот на минималната плата, покрај за најниско платените работни места, има влијание и на порастот на платите на останатите вработени . Така, според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна плата во Републиката за март 2018 година во однос на август 2017 година е зголемена за 3,2% %, а во одделите кои во изминатиот период имаа законска можност да исплаќаат понизок износ на минимална плата од националното ниво во изминатиов период, платите за истиот период се зголемени за 14,6 %% во одделот производство на текстил, 13,5 %% во одделот производство на облека и 11 % во производство на кожа и слични производи од кожа.
Со покачувањето на минималната плата, дојде до приближување на платите на работниците кои имаат минимална плата и работниците кои пред покачувањето на минималната плата имаа плати блиски до 12 .000 денари, поради што неминовно се наметна потребата за покачување на платите на останатите вработени со цел да се оддржи мотивот за работа.
Поради ваквата состојба, а со цел да се надмине рамнотежа на платите, односно да се обезбеди висината на платата да биде одраз на тежината и на обемот на работата, дел од работодавачите имаат финансиски проблеми во обезбедување на средства за исплата на зголемените плати на вработените. Оваа е една од причините поради која Владата се одлучи да обезбеди поддршка и помош на трудоинтензивните дејности за пораст на платите и тоа во висина од 30 % од порастот на бруто – платите. Овој проект е во завршна фаза во дефинирање на сите услови и постапки и со неговата имплементација ќе помогне во ублажување на спиралата на порастот на платите во трудоинтензивните дејности.
Значи во континуитет се следеше влијанието на порастот на минималната плата од страна на Владата, заедно со социјалните партнери , како и од страна на Економско- социјалниот совет, за што заедно со социјалните партнери се преговараше и се донесе одлука да се имплементира посебен проект кој ќе обезбеди финансиска поддршка за порастот на платите.
Но, битно е во иднина да се вложува и во платите на вработените, и во модернизацијата која ќе доведе до развој, како долгорочна мерка се со цел да останите конкурентни на пазарот на трудот.
Пренасочување кон сопствени брендови, на пример, може да биде успешен модел за одредени компании, но со тоа нема да се реши структуралниот проблем на лошите работни стандарди. За подобрување на стандардите потребна е нова технологија за да се зголеми продуктивноста на работниците, а со тоа и да се зголемат платите. Во такви услови ќе можат и да се подобруваат работно- -социјалните односи, стандардот и стабилноста на индустријата.
Владата заедно со социјалните партнери и натаму останува да ја следи состојбата во оваа дејност и да презема мерки за надминување на проблемите.
Битно е што и досега сите решенија ги градевме заедно со социјалните партнери.
3. Кој е виновен, според Вас, за лошите практики при водењето на бизнис во приватниот сектор, поточно, она што го имаме како информација за непочитување на Законот за работни односи, прекршувања на човековите права, работничките права и немањето на синдикално организирање во фабриките? Дали тоа се синдикатите, бизнисмените, Инспекторатот, можеби поранешната Влада или пак самите работници и нивниот децениски молк?
Република Северна Македонија премина преку период на транзиција. Од систем на државна сопственост во систем на приватна сопственост. Транзицијата не беше нималку лесна. Голем дел на работници останаа без работа. Несигурноста и недостатокот на работните места, од друга страна, пак, ги прават работниците да се плашат јавно да зборуваат за проблемите , да оформат или да се приклучат во синдикат за да не ги изгубат работните места. А и синдикатите ја изгубија довербата кај работниците баш поради реструктурирање на општеството. Големиот број на невработени лица во однос на малиот број на креирани работни места ги ставаше работодавачите во ситуација да можат да им даваат помали плати на работниците и не целосно ги почитуваат правата на работниците , како и да не обезбедуваат адекватни услови за работа. Подобрите услови за работа се еден од предусловите за поголема продуктивност и ефикасност на работниците. Исто така, влијание имаа и политиките кои го фаворизираа крупниот капитал. Сведоци сме дека една деценија Македонија беше рекламирана како земја на евтината работна сила, земја каде што инвеститорите и големите компании силно се фаворизирани, додека држававта недоволно се грижеше за работничките права. Поради ова, се вложуваат напори сето тоа да се надмине и сите заеднички да работиме за подобрување на бизнис- климата, која би довела до позадоволни работници и работодавачи. За сето ова е потребно, меѓу другото, и подобрување на законската регулатива од областа на работните односи и безбедност и здравје при работа, како и функционирање на сите институции за почитување на истата, вклучувајќи го Трудовиот инспекторат. Поради ова оваа Влада се одлучи да подготви нов Закон за работни односи во кој реално ќе се утврдат како правата и обврските на работничките, од една страна и правата и обврските на работодавачите, од друга страна, а при тоа ќе се почитуваат меѓународните стандарди на трудот. Бизнисот и компаниите се важни и за нив ќе обезбедиме добри услови, но исто така се важни и работните условите во кои тие работат. Нема да дозволиме на сметка на работничките права и здравје да се профитира. Ќе се најде баланс во интересите на бизнисите и на работниците – тоа е единствен начин да имаме среќно и напредно општество.
ОВАА КОЛУМНА Е ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СОЗДАДИ МРЕЖА НА ЗНАЕЊЕ – ПРЕПОЗНАЈ И ПРИЈАВИ ПРЕКРШУВАЊЕ ПРАВА“ КОЈ ГО СПРОВЕДУВА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ, КАКО ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРОМЕНИ“ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ОТВОРЕНА ПОРТА, ФИНАНСИРАН ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА.
ОВАА ПУБЛИКАЦИЈА Е ИЗРАБОТЕНА СО ПОМОШ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА. СООДРЖИНАТА НА ОВОЈ ТЕКСТ Е ОДГОВОРНОСТ САМО НА ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ И НА НИЕДЕН НАЧИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА